Monday, February 1, 2016

Турно и качување низ загатките на Лешничката равенка Y

          Нема некој кој е малку навлезен во планинарењето a кој не е вљубен во Лешница и околината на ова место. Фантастичен предел во срцето на Шар Планина. Во Алпски стил со густа шума и над неа кулоари и расфрлани остри карпи на сите страни наоколу. Интересно место за сите љубители на убава гледка, опуштена планинска прошетка но и сериозно тренинг место на генерации Македонски алпинисти. Во лето карпата не се качува, ронлива е. Но во зима поради нејзината северна експонираност станува сериозно поле за практикување на зимски алпинизам.


     
          Велат дека речиси се од кулоарите е качено од генерацијата на Македонски алпинсти кои посегнаа по Хималајските врвови. Од тогаш, речиси сите генерации качувале зимски на Лешница, но не постојат многу конкретни записи и податоци за овие искачувања.

          Викендов го имав првото зимско искачување на еден од овие кулоари. Во последно време се повеќе и повеќе го практикувам турно искачувањето на Шарските врвови. Тоа ми овозможува полесен пристап и многу полесен одстап, нели едноставно скијање надолу. И секогаш кога ќе се кренам малку повисоко во околината на Попова Шапка, се издигнува и се забележува врвот Среден камен и Северната Лешничка карпа, точно над долна Лешница. Доста стрмен од едната страна, и уште повеќе со карпите од другата северна страна. Од импресиите на сиве овие гледки кон Среден камен и неговата северна страна кои ги доживувам на секое турно скијање или едноставна прошетка на Шара добив инспирација заедно со моите пријатели од Алпинистичкиот клуб 8 - АК8, да се обидеме да стигнеме до карпата турно, качиме еден од кулоарите со опрема на грб и се вратиме со скијање односно турно кон Попова Шапка во еден ден.

         Последната клубска акција на АК8 беше кон крајот на 2015та кога јас заедно со петмина членови на АК 8 се обидовме да направиме едно искачување во еден од кулоарите под врвот Среден камен но поради недостиг од снег испадна само убаво планинарење и извидница до овој преубав терен.
          Првата клубска акција на АК8 во 2016та (поради серизното скијачко, сплитборд, турно лоби во клубот) испадна да биде токму ова место, но со поинаков пристап/одстап на оваа карпа. За жал поради настинка некои членови не не дружеа и останавме само тројца кандидати, Маја Мухиќ, Хекуран Зекири и јас Александар Зарапчиев. Дефинитивно инспирација за да биде овој викенд оваа тура беше минатовнеделната турно прошетка преку врвовите Син Врв, Казани до Плат од каде видовме дека има убави услови со снег на оваа карпа. Барем состојба со количина на снег, а какви услови за скијање се утврдува на лице место, така и решивме да се обидеме овој викенд, во сабота рано.

          Времето последните денови беше прилично топло, но се надевав на добри услови ако го фатиме качувањето рано, особено што тоа е северна страна и денските високи температури очекував да создадат добри услови за качување наспроти студените ноќи.

Некаде пред Плат веќе биднува денот.

Подготовки пред качувањето и проверка дали Маја е Пепелашка ако фатат дерезите BD CYBORG.
          Тргнавме прилично рано, но не толку како што планиравме во 02:00 по полноќ, туку некаде пред 04:00 што ни ги поремети плановите и секако ги испуштивме раните студени часови за качување. Се движевме солидно како според распоредот што го планиравме, но спуштањето од седлото на Плат кон бачилото на горна Лешница беше поспоро од што планиравме поради проблеми со опремата за скијање кај еден од членовите на групата но и замрзнатиот снег на кој немавме многу голема контрола, но доволна секако за да се спуштиме споро но сигурно.

Од седлото под Плат се спуштивме низ овој стрмен терен, доста стрмно и снегот не беше многу добар, повторно мраз.
          Од бачилото ни требаа само 5 минути да стигнеме до подножјето на кулоарот Y и да почнеме да се спремаме за качување. 


Качувањето почнува благо.
На места е пострмно но сепак сосема безбедно.
           Првиот дел на кулоарот од околу 100 метри се до првата карпа односно до излезот од шумата го качуваме во многу длабок снег и тотално не изнемошти тоа. Не очекувавме такви услови уште од старт но дадовме шанса на погорните делови и така и испадна, таму снегот стана потврд, на места пефектно замзнат. Но сепак за мене нејасно повторно се појавува секции среде кулоарот со мноогу длабок и мек снег, секции кои не успоруваа и серизно не изморија. После 'Y' вртењето кон лево (ја качувавме левата варијанта на овој кулоар, постои и десна) постои едно второ мало разделување на самиот кулоар, право нагоре или десно или малку пострмно и лево, со мал гребен и карпи помеѓу овие две линии.

Маја на тенок снег врз карпа.
Хекуран и Маја излагаат од 'згрешениот' дел со поголема тежина.
После качувањето на потешкиот дел следше повторно длабок снег.
          Не сум сигурен зашто отидов лево, (што подоцна испадна дека е погрешно) но наидовме на малку потежок и вертикален дел, со потенок слој на снег врз карпа и без мраз под снегот :) - Рецепт за потешко и небезбедно качување. Не беше претешко, но сакав да излезам сигурно од овој дел и се движев малку поспоро, 60 метри погоре направив имповизирано сидриште со цепин и од таму ги обезбедив Маја и Хекуран безбедно низ ова делче.

Еден од поинтересните делови, некои 60 метри пред излезот на седлото.
          Откако утврдивме дека не би требало да има делови со ваква тежина во овој Y кулоар, успеав да ја најдам и се вратам на правата линија по што без проблеми поминавме до самиот крај на кулоарот. Целото време качуваме врзани во наврска но без многу точки за обезведување, носевме доволно опрема но искористивме само две точки за обезбедување.



Веќе насмевки пред крајот на кулоарот.
Кулоарот е качен, следи спуштање надолу.
          Излеговме на седлото на овој кулоар подоцна од што планиравме и веќе заостанувавме зад утврдениот временски план, условите со снегот не успорија и таму решивме наместо да одиме кон Титов врв па Попова Шапка да се скијаме надолу се до бачилото на горна Лешница и од таму се вратиме по истиот пат назад. Стопивме снег, надополнивме резерви со вода и тргнавме. Скијањето не беше со полн здив и уживање, поради стрмната југоисточна страна под врвот Среден камен која беше во сенка после цел ден печење на сонце и беше целосно замрзната, сепак безбедно се спуштивме и веднаш тргнавме назад со искачување кон седлото под Плат и потоа кон Шапка. Веќе бевме уморени, почна да се стемнува и до седлото не стигна потполен мрак, дуваше силен студен ветар и мотивацијата паѓаше. Иако беше една од најтемните ноќи кои сум ги видел на планина успеавме да го најдеме патот и речиси без грешки во темница да стигнеме до првомајско бачило и од таму до Шапка.

          Со ова одприлика завршува нашиот фантастичен ден, и една од најтешките авантури што сме ги имале до сега, моето прво искачување на кулоар на Лешница, а на Хекуран и Маја воедно и прво искачување во вакви услови било кога и тоа со опрема за скијање на грб.
       
          Ова е можеби прво искачување на некој од овие кулоари со една ваква техника на турно пристап и качување во алпинистичи стил. Техника која пости уште одамна во земјите кои негуваат традиција на скијање и качување. За нас, за мене беше еден тест, една школа, од која научив многу и опипување на теренот за качување на Лешница но и скијање на истиот. Се надевам на поскоро враќање таму и дегустирање на остатокот од овој дел од Шара.


на седлото со Казани и Карабунар во позадина.


Топење снег, хидрација и спремање за скијањето надолу.
Стигнавме на Лешница, го качивме кулоарот, а работата не е ни до пола, касниме со времето а пред нас имавме огромна заледена стрмнина која требаше да се скија. 
На седлото со Лешница во подножјето.

1 comment:

  1. Неверојатно патешествие - во скоро целосна мера благодарејќи на тебе!

    ReplyDelete